Бостон го запре Дончиќ, нов пораз на Лејкерс (ВИДЕО)

И без Кајри Ирвинг, Бостон забележа убедлива домашна победа од 114-93 над Далас и дојде до 23. сезонски триумф со кој се зацврсува меѓу петте најдобри екипи во Источната конференција.

„Селтикс“ беа доминантни во најголемиот дел од средбата, единствената криза ја имаа на крајот од втората и почетокот од третата четвртина, период во кој Далас ја анулираше негативата, се приближи на само еден порен разлика. Бостон сепак го одби овој напад и веќе на крајот од третиот сегмент имаше 18 поени предност со што веќе немаше неизвесност на средбата.

Џејлен Браун со 21 поен беше лидер во тирумфот, Џејсон Тејтум постигна 18. Лука Дончиќ натпреврот го заврши со 19 поени, Даиндре Џордан имаше 12 поени и 15 скока. Далас никако не успева да врзе победничка серија, ова беше 20 пораз сезонава, има 18 триумфи, биланс кој е доволен само за 12 позиција на Запад.

Отсуството на повредениот Леброн Џејмс силно се одразува на резултатите на Лос Анџелес Лејкерс. По два последовни пораза, а четири на последните пет средби, поранешниот шампион падна на осмата позиција во Западната конференција. Ноќеска поуспешен од Лејкерс беше Њујорк кој славеше на гостувањето во Лос Анџелес со 119-112.

Во дербито на Западната конференција, Оклахома беше поуспешна од Портланд со 111-109. Клучна за триумфот на второпласираниот тим на Запад беше третата четвртина која Оклахома ја доби со 36-25. Првиот период беше израмнет, а Портланд всушност ги доби вториот и четвртиот сегмент од средбата. Пол Џорџ со 37 поени и Расел Вестбрук со 31 беа креатори на победата за Оклахома, Демиан Лилард постигна 23, а Јусуф Нуркиќ 22 поени кај Портланд. Оклахома има биланс 25/13 и е второпласирана во конференцијата, а Портланд со ефект 22/17 е на седмата позиција.

На останатите средби Јута го победи Кливленд со 117-91, Индијана по продолжение беше подобра од Чикаго со 119-116, Бруклин го победи Мемфис со 119-100, Мајами славеше над Вашингтон со 115-109, Минесота оствари домашен триумф над Орландо со 120-103 и Клиперс славеа над Феникс со 121-111.

Се вчитува...