Бостон прв го мина првото коло во плеј-офот

Бостон селтикс е тимот што прв обезбеди влез во втората рунда од плеј-офот во НБА-лигата, откако со максимални 4-0 ја доби серијата против Индијана пејсерс. „Метлата“ беше комплетирана со вечерашниот втор триумф во Индијанаполис од 106-110, со кој „зелените“ од Бостон ставија точка на серијата, но и покажаа дека планираат да атакуваат на тронот на Источната конференција сезонава.

Поголемиот дел од денешниот дуел мина во израмнета битка, во која двете екипи се менуваа во водство. Бостон клучниот удар го зададе на стартот од четвртата четвртина, кога поведе со двоцифрена предност (85-95) за првпат на натпреварот. Гостите ја одржаа позитивата до пред самиот крај (97-107), по што Индијана до финишот успеа само да го ублажи поразот.

Кајри Ирвинг постигна скромни 14 поени за победничкиот тим, во чии редови најефикасни беа Хејворд со 20 и Тејтум и Морис со по 18 поени. Најдобри стрелци кај Индијана во последниот овосезонски натпревар на оваа екипа беа Богдановиќ со 22 и Еванс со 21 постигнат поен.

Се вчитува...