„Браќата“ Стефан и Бруно:…„На терен се заборава братството меѓу нас!“

ЕКИПА во Порто, Португалија

Владимир Булатовиќ

Ништо не може да го скрши пријателството меѓу Стефан Ристовски и актуелниот член на Манчестер јунајтед, Бруно Фернандеш. Па, сигурно не и вечерашната пресметка на „Драгао“ меѓу двете селекции на патот кон Мундијалот во Катар, без разлика што се работи за дуел од енормно значење и за двете репрезентации.

Пред дуелот, и двајцата нагласуваат дека пријателството стекнато за време на настапите во Спортинг Лисабон останува, но на терен братството во тие два часа ќе биде заборавено…

„Искрено, не очекував дека ќе дојде момент кога токму со Португалија, земја каде минав прекрасни моменти додека играв во Спортинг Лисабон, ќе одлучуваме за место на Светско првенство. Мене ме врзуваат преубави моменти со Португалија, тука е и мојот син роден, тука се и голем број мои пријатели и меѓу репрезентативците на Португалија“ – вели Ристовски и дополнува:

„Ќе има повторна средба со мојот брат Бруно Фернандеш со кого постојано сме во контакт и сега, со кого постојано си ‘дофрлуваме’ на социјалните мрежи. Но сега, на терен се заборава братството и за мене на терен ќе постои само националниот дрес, Македонија и желбата да се пласираме на СП во Катар“.

И Бруно Фернандеш, во изјава за португалските медиуми, потенцира дека со Стефан Ристовски го врзува блиско пријателство, но кога се работи за Португалија јасно е дека ќе даде се од себе за место на Мундијалот.

„Сепак сме професионалци. Со Стефан ќе останеме секако пријатели и по овој натпревар, но на терен се тоа се заборава. Имаме огромна цел пред нас и мора да ја реализираме без разлика на се“ – вели Бруно Фернандеш.

Се вчитува...