Бранителот на титулата против дебитантот во финалето на Купот

Во финалето од ракометниот Куп на Македонија, денеска (16.30 ч.) во салата „Младост“ во Битола ќе играат бранителот на титулата, Вардар, и домаќинот Еурофарм Работник. Квалитетот и искуството, на вардарци им носат голема фаворитска улога во ова финале против Еурофарм Работник кој е дебитант во завршницата на Купот.

„Црвено-црните“ се победници во Купот во последните три сезони, а денеска играат за освојување на престижниот пехар по 12.пат. На патот до финалето, избраниците на Раул Гонзалес имаа неочекувано тешка задача во вчерашното полуфинале против Металург во кое по голема борба, на крај славеа минимално со 31-30. Денешниот дуел со Еурофарм Работник за Вардар ќе биде борба за втората титула сезонава, по освојувањето на СЕХА лигата, но и уште еден тест во подготовките пред настапот на Ф4 турнирот во ЛШ во Келн.

kup vardar - metalurg 35

„Ќе имаме мотивиран противник кој игра пред својата публика. Ние се подготвуваме за Келн и на овој натпревар ќе се обидам да им дадам шанса на сите играчи“ – најави Раул Гонзалес пред денешното финале.

За Еурофарм Работник историски успех е и првиот пласман во финалето од Купот на Македонија што им носи и место во европските купови за следната сезона. Битолскиот тим во својата прва суперлигашка сезона направи голем чекор напред, во првенството стигна до плеј-оф, а во Купот до финале. Во полуфиналната пресметка, избраниците на тренерот Андон Бошковски го победија Охрид со 26-18 и стигнаа до меч за титула против Вардар.

kup eurofarm - ohrid 9

„Важно ни е финалето, против нас ќе го имаме Вардар кој е далеку понапред од нас и со квалитет и со играчки кадар. Како и да е, мора реално да ги гледаме работите, сакам да се бориме како што се боревме во полуфиналето и ако ни се укаже шанса за сензација, да ја искористиме. Ќе се потрудиме да дадеме достоен отпор и во финалето“ – истакнува Андон Бошковски.

На денешното финалето во Купот на Македонија, како и на двата вчерашни полуфинални натпревари во Битола, се спроведува хуманитарната акција за помош на младиот битолчанец Гоце Марковски. Средствата од влезниците ќе бидат наменети за неговото лекување во Германија.

Се вчитува...