Брегалница и Илчо Ѓорѓиоски ја продолжија соработката до јуни 2025 година!

Раководството на ФК Брегалница и актуелниот шеф на стручниот штаб, Илчо Ѓорѓиоски ја продолжија меѓусебната соработка и во следните три години, до јуни 2025 година, информираат официјално од штипскиот прволигаш, демантирајќи ги на тој начин бројните шпекулации изминативе денови за разделба со Ѓорѓиоски за кои велат дека биле без никаква основа.

Пред стартот на летните подготовки за новата сезона во Првата македонска фудбалска лига, согласно амбициите, планот и програмата поставени од страна на сопственикот и раководството на клубот за нескриен вистински професионален развој на „сините“ потпишан е нов тригодишен договор со актуелниот стратег Илчо Ѓорѓиоски кој треба да биде носителот на проектот во спортскиот дел за етаблирање на Брегалница како значаен фактор во македонскиот фудбал.

„Потпишавме нов договор за соработка со Илчо Ѓорѓиоски, на тој начин јасно останувајќи на зацртаниот пат за издигнување на Брегалница на највисоко ниво во домашниот фудбал. Делејќи ги заедничките определби за етаблирање на Брегалница на врвот од македонскиот фудбал, со именувањето на Ѓорѓиоски амбициите и плановите на клубот за следната сезона остануваат: излез на европската сцена и паралелна промоција и развој на младите талентирани фудбалери на клубот како можност потоа и за интернационална кариера, а се во интерес и воопшто на развојот на македонскиот фудбал“ – истакна сопственикот на Брегалница, Кирил Гогов, веднаш по потпишувањето на новиот договор со Илчо Ѓорѓиоски.

Првата прозивка на стартот од летните подготовки, Илчо Ѓорѓиоски ќе ја има утре од 12 часот, откако изминативе деновиве беа реализирани задолжителните лекарски прегледи. Стартот на подготовките, првично закажан за 23. јуни, како што информираат од Брегалница е пролонгиран поради одложувањето на лекарските прегледи од страна на медицинските установи.

Се вчитува...