Брегалница сериозно се активираше на пазарот во последните денови, па така штипјани денеска се пофалија со две нови имиња во својот ростер.
Бразилецот Матеус Лемос утрово беше претставен како нов играч на штипскиот прволигаш, а повратникот во елитното друштво сега се пофали со ново име – Методи Максимов ќе ги брани боите на Брегалница во ова анатпреварувачка сезона.
„Штипските плави добија сериозно засилување во името на Методи Максимов. Станува збор за играч кому омилена му е десната страна од теренот, одлично ги покрива позициите на десен бек и десно крило.
Максимов, практично се враќа во редовите на Брегалница после интернационална трансфер-етапа во својата кариера. Популарниот “Метка” е роден 2002 година во Кочани и е дете на Брегалница, започнувајки ја својата кариера во младинскиот погон на штипските сини. Како вонреден талент во својата генерација, Максимов се сели во Работнички, од каде заминува во тетовска Шкендија. После одличните настапи и шампионската титула, Методи Максимов реализира интернационален трансфер, се сели во австрискиот прволигаш Ласк Линц. Од Линц заминува на позајмица во норвешки Алесунд и поради пех во кариерата и сериозната повреда, Максимов во последната сезона настапуваше во втората екипа на Ласк, од каде всушност и доаѓа во Брегалница.
Максимов ги помина сите младински 🇲🇰 репрезентативни селекции до 17, 18, 19 и 21 година, а запиша и еден настап во сениорската репрезентација на Македонија против Саудиска Арабија. Се уште е релативно млад, има неполни 24 години, му посакуваме одлично здравје, враќање во топ форма и успеси во плавиот дрес“, објави Брегалница.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
