Брестовац: Лани загубивме 19 гола од оваа Швајцарија, затоа победата е уште послатка

Селекторот Данило Брестовац имаше причина за задоволство откако младите македонски ракометари денеска покажаа карактер, ја оставија зад себе разочарувачката игра против Италија и со извонреден натпревар ја совладаа Швајцарија, селекцијата што до денеска се наоѓаше на првото место во групата. Тој се наврати на дуелот со „аѕурите“, преземајќи ја врз себе вината за неочекуваното реми.

Мислев дека ќе биде полесно со Италија, дека со многу ротации ќе ги освежам од тренинзите, но од сегашна перспектива вината за таквиот исход на вчерашниот меч е моја. Имавме тренинг и пред тој натпревар, можеби за некој исфорсирано, за замор на играчите, но мислам дека тој тренинг ни беше неопходен ако сакаме да направиме нешто до самиот крај. Сега им дадов на играчите слободно за малку да се релаксираат вечерва, а потоа од утре е нов ден, се вртиме кон дуелот со Украина кој за нас е одлучувачки за пласманот во полуфиналето“ – истакна Брестовац.

Триумфот е уште посладок ако се знае дека Македонија лани се сретна со оваа генерација на швајцарски ракометари на турнирот во Бугојно, каде нашиот состав претрпе убедлив пораз.

„Искрено, ни самиот не очекував ваква добра игра и лесна победа. Швајцарија не е слаб ривал, оваа иста генерација лани ја растури Македонија со 19 гола разлика. Тој пораз во Бугојно беше дополнителен мотив и за играчите и за мене како селектор. Се надевав на триумф, но не очекував дека ќе биде вака убедливо. Кога тактички ќе влеземе дисциплинирано, тогаш се функционира многу подобро“ – истакна македонскиот селектор.

Се вчитува...