Брестовац: На вистинскиот пат сме, напредуваме

Машката кадетска репрезентација на Македонија забележа три победи во првите три натпревари и обезбеди пласман во полуфиналето на ЕХФ Шампионатот за играчи до 18 години што се одржува во Тбилиси, Грузија. Селекторо Данило Брестовац има добри причини да биде задоволен и од резултатите, но и од играта и пристапот на младите македонски ракометари на овој Шампионат.

„Мислам дека сме на вистинскиот пат. Играчите веќе се стекнуваат со потребно искуство за ваков турнирски начин на натпреварување. На секој натпревар колективната игра ни вади по некој поединец. Полека се учат и дека треба да бидат максимално дисциплинирани во техничко-тактичкиот дел. Напредуваме, не стоиме во место. Нормално, има и падови во играта, но веќе почнаа и да ги амортизираат тие ситуации“ – истакнува селекторот Данило Брестовац.

Токму во таква ситуација македонските кадети беа и на денешниот натпревар против Фарски Острови на кој во поголем дел беа во негатива, но одиграа мудро во финишот, максимално ги искористија своите шанси и на крај славеа победа (30-29) која им обезбедува полуфинале.

 

Тоа пак им носи помал притисок за многу помирна игра во следниот натпревар против селекцијата на Швајцарија која исто така има три победи досега, две убедливи против Литванија (39-18) и Естонија (33-22) и денеска минимална против Луксембург (26-25)

„Според мене, утре играме со најдобрата селекција во нашата група. Иако, мислам дека и Луксембург има одлична генерација предводена од десниот бек Митреа кој е нов член на Лемго и со уште тројца ракометари од Гумерсбах. Луксембург го поминавме во најстабилни 60 минути откако сум селектор. Утре очекувам психолошки помирен натпревар. Но, јас нема да калкулирам, одиме како и на секој натпревар – на победа! Наше е да играме, од натпревар во натпревар да ја подигнуваме формата на играчите, а за резултатот ќе треба да почекаме до крајот на наредниот викедн“ – вели Данило Брестовац.

Македонските кадети натпреварот со Швајцарија го играат утре (11 ч.), а во последниот деул од групата, во четврток (11 ч.) се среќаваат со Естонија.

Се вчитува...