Селекторот Данило Брестовац имаше причина да биде задоволен од одличниот настап на младинската репрезентација на ЕХФ шампионатот, на кој Македонија го освои првото место и обезбеди враќање во елитното друштво.
„Преубава недела, мене ова ми е како сон. Рековме дека ќе одиме чекор по чекор, дојдовме до ова последно скалило, очекувајќи уште еден тежок натпревар. Благодарност до моите помошници, цела ноќ не спиевме, вадевме исечоци за да ги претставиме силните и слабите страни на противникот. Благодарност и до играчите, кои одиграа максимално дисциплинирано и го спроведоа сето она што го договаравме“ – истакна Брестовац.
Тој откри и што конкретно побарал од ракометарите во пресрет на денешното финале.
„Разговарав со играчите, им реков дека за некој ова можеби ќе биде единствено финале во кариерата, за некој прво од многуте, побарав да го дадат максимумот за да не се случи потоа во текот на животот да жалат за нешто од денешниот дуел. Затоа барав да одиграме 60 минути квалитетен ракомет и го сторивме токму тоа, затоа сум многу горд на овие играчи“ – открива македонскиот селектор.
Брестовац е задоволен што на шампионатот се појавија играчи кои се посериозно ќе се наметнуваат и за место во сениорската репрезентација.
„Мислам дека Танкоски и Јагуриновски со игрите се наметнаа како лидери и заслужуваат повик во А репрезентацијата, можеби не веднаш да играат, но да дојдат, да тренираат и да ја почувствуваат атмосферата. Мораме да бидеме реални, најважно е да се игра во клубовите, ако не играат многу е тешко да станат сериозни играчи, а потоа и да атакуваат на место во сениорската репрезентација“ – реален е Данило Брестовац.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА