Брестовац: Со ваква агресивност ќе биде тешко против Спортинг

Само 24 часа по вчерашниот натпревар со Стеауа во СЕХА, ракометарите на Металург денеска (19 ч.) во СЦ „Борис Трајковски“ ги очекува дуелот со Спортинг Лисабон во Лигата на шампионите. Во необично згуснатиот распоред, „металурзи“ во рок од пет дена играат три натпревари и малку време да се консолидира тимот и да се фокусира на следниот дуел.

Синоќа Металург во поголем дел беше во водство, но на крај го загуби мечот со Стеауа (28-29). Тренерот Данило Брестовац по натпреварот предупреди дека денеска некои работи не смеат да се повторат.

„Бевме многу далеку од агресивна игра која носи резултат. На домашен терен не можеш да играш само со движења. Ако и против Спортинг настапиме со ваква агресивност, тогаш не ни се пишува ништо добро“ – рече Брестовац.

Португалскиот шампион е еден од фаворитите во групата Ц. По првите шест натпревари лисабонскиот тим има четири победи и два порази, од Силкеборг и од Татран Прешов. Во првиот натпревар на стартот од сезоната, Спортинг на домашен терен го победи Металург со 34-26.

„Се работи за сериозна екипа со огромно искуство на нејзините ракометари. Спортинг има одличен тим и квалитетно е покртиен на сите позиции. Ќе се обидеме најдобро да се подготвиме за овој натпревар. Победите годат, но уште повеќе радува ако тимот игра добро. Морам да кажам дека во оваа фаза од сезоната резултатите за мене се во втор план и така ќе биде се до почетокот на македонското првенство“ – рече Данило Брестовац во најавата за денешната пресметка со Спортинг.

По тешкиот старт и четирите порази во серија, Металург во претходното коло конечно тргна во позитивна насока и ја запиша првата победа сезонава во ЛШ против Чеховски медведи (25-24).

Се вчитува...