Брестовац: Татран е клуб со кој можеме да се надигруваме

Ракометарите на Металург веќе в недела ги очекува нов предизвик во Лигата на шампионите, дуелот на домашен терен против Татран Прешов што од технички причини ќе го играат во салата на Вардар, СЦ „Јане Сандански“ наместо во СЦ „Борис Трајковски“ како што тоа беше случај со досегашните домашни европски натпревари на клубот од Автокоманда. Поразот од Бешикташ беше лекција за младиот тим на Металург, а тренерот Брестовац и неговите играчи на следниот дуел ќе треба да покажат дека се извлечени поуки од тој неуспех, па против Татран се очекува далеку подобра игра.

„Татран не е тим од самиот врв на европскиот ракомет, тоа е ривал со кој можеме да се надигруваме. Тие се исклучително силни при шутевите од далечина, но верувам дека можеме да им парираме со зона 5-1 во одбраната. Она што ни недостига се лесни голови, што би ја зголемиле самодовербата кај моите играчи. Исто така, проблем ни е како да реагираме кога ќе се најдеме во негатива“ – изјави тренерот Данило Брестовац на денешната прес-конференција.

Младинскиот репрезентативец Марио Танкоски, со респект гледа на наредниот ривал на „металурзите“

Според мене Татран е еден од главните фаворити за првите две места во групата, тоа е тим што игра добар ракомет и што бележи добри резултати во последно време. За нас е многу важно да не ги повториме истите грешки, да ги избегнеме оние „црни пет минути“ што ни се повторуваат. Ако успееме во тоа можеме да се најдоваме на добар резултат“ – истакна Танкоски.

Се вчитува...