Бројките кои потврдуваат дека Дончиќ е „кошаркарски вонземјанин“

Лука Дончиќ одигра импресивен натпревар против Чикаго, во кој Далас триумфираше со 118-110 само благодарение на извонредното издание на Слвоенецот и неговите 38 поени, 11 скокови и 10 асистенции. На секој нов натпревар Лука успева да урне по некој нов рекорд, подобрувајќи ги бројките со кои сосема оправдано се вклучува во друштвото на „кошаркарски вонземјани“.

Ова беше десетти трипл-дабл во кој Дончиќ постигнува најмалку 30 поени. Толку сите заедно имаа Леброн Џејмс (5), Оскар Робертсон (3) и Меџик Џонсон (2) пред нивниот 22. роденден. Лука Дончиќ се уште нема наполнето ниту 21 година.

Девет од ваквите десет трипл-дабл средби (со 30 постигнати поени) Дончиќ ги оствари сезонава. Сите останати кошаркари во НБА-лигата имаат вкупно осум вакви остварувања.

Дуелот со Чикаго беше петти трипл-дабл за Дончиќ со најмалку 38 постигнати поени. Пред 21. роденден само еден кошаркар има остварено еден трипл-дабл со толку поени – Леброн Џејмс. Ниту еден играч помлад од 22 години не успеал да врзе две средби со трипл-дабл со најмалку 35 поени. Дончиќ веќе го стори тоа двапати.

Средбата со „биковите“ беше четврта во низа во која тој успеа да постигне најмалку 30 поени, 10 скокови и 7 асистенции. Такви четири средби досега во историјата имаат „врзано“ само Оскар Робертсон, Вилт Чембрлен, Елџин Бејлор и Расел Вестбрук.

Пред Дончиќ на листата на кошаркари со најмногу трипл-дабл натпревари во дресот на Далас се наоѓа само Џејсон Кид со 21 вакви остварувања. Сепак, Кид одигра 500 натпревари за Далас, додека Дончиќ стигна до 19 трипл-дабл остварувања на првите 104 средби за овој клуб.

А младиот Словенец не би бил она што е доколку остане максимално скромен и покрај сите овие рекорди.

„Тоа е само статистика. За мене се многу поважни победите на тимот“ – истакнува Дончиќ, не сакајќи да се крева еуфорија поради неговите индивидуални партии.

Се вчитува...