Бронза за Бојан Костов на ЕП во карате

Еден од најталентираните млади каратисти на Македонија, Бојан Костов се закити со нов медал од големите натпреварувања. Тој на Европското првенство за кадети, јуниори и помлади сениор У21 кое се одржува во Будимпешта, Унгарија, денеска во јуниорска категорија до 55 килограми ја освои бронзата.

Во главната рунда Костов забележа три победи, по кои во неизвесен натпревар со минимални 0-1, загуби од Азербејџанецот Султан Хусеинов кој на крајот стигна до златото. Сепак, нашиот каратист покажа дека и покрај несреќниот пораз, психички е стабилен и со две победи во репасажот, прво против Шпанецот, Виктор Куерва Мора, а потоа и против Денислав Стојанов од Бугарија да стигне до првиот медал за Македонија на овој шампионат.

Инаку, Костов минатата година во кадетска конкуренција беше вицешампион на Европа, и бронзен од Светското првенство во Чиле.

Од останатите македонски каратисти одличен резултат постигна и Стефан Стојановиќ во јуниорска категорија до 76 килограми, каде успеа да го освои петтото место. Во мечот за бронза Стојановиќ загуби од Италијанецот Матео Фиоре. Кај јуниорките Магдалена Божиновска го освои седмото место.

Се вчитува...