Бубања: Полесно е со задоволни играчи, легна плата, да го победиме Пелистер

Каква е тоа радост кога ќе легне плата во македонски фудбалски прволигаш. Победа преживеа голгота, го смени раководството, па сега фудбалерите и тренерот Бубања знаат да ценат кога ќе добијат личен доход. Стратегот вели, со задоволни играчи – многу е поинаку.

„Што се однесува за првиот натпревар многу е полесно кога играчите се задоволни, а моите фудбалери се задоволни затоа што им легна платата, а за време на подготовките им беа исплатени и долговите што е огромен плус и знак дека клубот оди нагоре. Со овие потези раководството ни зададе голема задача на стручниот штаб и играчите. Голем хендикеп е што не играме во Прилеп поради навивачите. Тие се нашиот не 12., туку 14.играч и најмногу поради нив ми е жал што ќе играме надвор, главно во Битола. На утрешниот натпревар во Турново, Пелистер ни е гостин, и така ќе се однесуваме, да сториме се да ги освоиме трите бода. Треба да размислуваме од натпревар до натпревар“, вели Бубања.

Пелагониското дерби ќе се игра на стадионот „Кукуш“ во Турново, а и традицијата не е сојузник на прилепскиот тим. Но, Бубања е оптимист.

„Победа има негативен скор со Пелистер овие две сезони, меѓутоа традициите се тука за да се рушат. Ние само можеме да ветиме дека ќе дадеме се од себе да ја прекинеме таа традиција и да оствариме победа. Тоа ќе биде сигурно многу тежок натпревар кој ќе бара од играчите максимални напори. Самите временски услови нема да ни дозволат да играме некоја допадлива игра, туку на било кој начин да ги освоиме трите бода. Свесни се фудбалерите за значењето на натпреварот. Овие 24 часа фокусот е на мечот со Пелистер. Тие мора да го респектираат Пелистер затоа што таму има 5-6 играчи со над 200 прволигашки натпревари, 4-5 играчи кои до вчера играа за Победа, така што и тие сигурно ќе имаат некој свој мотив. Најголемиот мотив на моите фудбалери е што тие ќе дадат се од себе, убеден сум во тоа, а дали ќе биде доволно за победа ќе покаже самиот натпревар. Резултатот е најважен и одиме за Турново утре да освоиме три бода“, потенцира стратегот на Победа. 

Се вчитува...