„Будење“ во Работнички – Мираковски почнува со „потписи“

Работнички дефинитивно е „најтивкиот“ клуб при формирањето на ростерот за наредната сезона, во која најтрофејниот македонски колектив ќе остане и без тренерот Марин Докузовски, на чие место тренерската кариера ќе ја почне долгогодишниот капитен Димитар Мираковски. Поранешниот плејмејкер во изминатиот период преговараше со бројни кошаркари, но досега е потпишан договор само со екс-капитенот на Блокотехна, Горан Главчев.

Во меѓувреме се интензивираа разговорите за дополнителни засилувања, па се очекува во текот на следната седмица да се почне со нови потписи, за создавање на тим што повторно ќе атакува на највисок пласман. Во однос на ланскиот тим се очекува да остане центарот Кире Николовски, кој поради тешка повреда го пропушти поголемиот дел од последната сезона, но доколку е здрав сигурно ќе му биде значаен адут на Мираковски. Заедно со него се очекува да остане и Младеновиќ, кој на средина од минатата сезона дојде од АВ Охрид и најчесто влегуваше од клупата.

Во завршна фаза се и преговорите со Дарко Соколов, искусниот бек кој е слободен играч по истекот на договорот со МЗТ Скопје. „Центарци“ се блиску до договор и со Глигоријевиќ, српскиот кошаркар со македонски пасош кој настапуваше за Блокотехна. Паралелно привршува и потрагата по квалитетни странски засилувања, од кои најмалку три ќе бидат ангажирани до стартот на подготовките.

Само за потсетување, Работнички прави целосен ремонт во однос на ланската сезона. Единствениот странец Чавдар Костов е пред потпис со Левски Лукоил, Мираковски и Чековски ги завршија кариерите, а клубот во меѓувреме го напуштија Стајиќ и Караџовски (Кожув), Крстевски (МЗТ Скопје), додека Јанески се наоѓа пред потпис со Куманово.

Се вчитува...