Буфон: Многу е стресно да се биде член на Јувентус

Џанлуиџи Буфон експресно се адаптираше во новата средина, по што италијанскиот голман се осврна и на ерата мината во дресот на Јувентус. Тој мина 17 години на голот на „старата дама“, потсетувајќи се на периодот во кој освои бројни трофеи.

„Минав толку многу време во Јувентус, тоа беше успешен период во мојата кариера. Ако бидам искрен, тоа беше и многу стресен период бидејќи да се биде играч на Јуве, згора на тоа и капитен, не е само чест, тоа е и огромна одговорност. Бев преморен, сериозно размислував да се пензионирам, а потоа дојде понуда од еден гигант како ПСЖ, со кој ми се укажа можност да продолжам да освојувам трофеи. Ако добиев богати понуди од далечни земји, ќе ги одбиев без размислување, но ПСЖ е клуб што дефинитивно ме заинтересира. Мислам дека Јуве го направи вистинскиот потег со Роналдо, јас не бев единствениот под стрес во клубот и знам дека и други важни играчи сакаа да си заминат, но по доаѓањето на Кристијано атмосферата во тимот се промени“ – изјави Буфон.

Останува да се види дали легендарниот голман во својот нов клуб ќе го освои единствениот „голем“ трофеј што недостига во неговата кариера, оној од Лигата на шампионите со кој не успеа да се закити бранејќи го голот на Јувентус.

Се вчитува...