Бугарија, прв скопски тест за кошаркарите

Македонската кошаркарска репрезентација вечерва (20.30 часот, СЦ „Борис Трајковски“) ќе се сретне со Бугарија во првиот домашен контролен натпревар на нашиот национален тим како дел од подготовките за претквалификациите за СП 2019. По двете контролни средби со Словачка (еден пораз и една победа) од кои немаше ниту „стрим“, камоли ТВ-пренос, ова е прва можност да видиме како изгледа на дело македонскиот национален тим предводен од Јорданчо Давитков, со Џордан Теодор како „американско засилување“.

Мечот со Бугарија ќе биде уште една можност за воигрување, воедно и за воочување на слабостите кои потоа ќе треба да ги отстраниме го стартот на претквалификациите. Фокусиран сум единствено на нашата игра, затоа и не правев подетален скаутинг за противникот, бидејќи најважно од се ми е како ќе одиграме ние, да го креваме нивото на секој следен натпревар. Слично како и со Словачка, ќе настојувам шанса да им дадам на што повеќе кошаркари да ги покажат своите квалитети“ – изјави селекторот Давитков во пресрет на оваа средба.

Тој се соочува и со проблеми поради повреди на дел од кошаркарите, но најавува дека „црвено-жолтите“ сигурно ќе настапат комплетни вечерва.

Чековски и Војдан Стојановски се жалат на ситни повреди, а Џордан Теодор има проблем со еден од ноктите на ногата. Очекувам сите да се појават во тимот и да одиграат по дел од натпреварот“ – истакна Давитков.

По оваа средба нашите кошаркари ќе бидат домаќини на „Трофеј Македонија“, на кој од 20 до 22 јули ќе учествуваат уште и селекциите на БиХ, Холандија и Португалија.

Се вчитува...