Бурки: Уште не можам да заспијам навечер од бомбашкиот напад

Голманот на Борусија Дортмунд, Роман Бурки, истакна дека се уште не може мирно да заспие навечер по бомбашкиот напад што се случи на автобусот на „милионерите“, во пресрет на мечот од Лигата на шампионите против Монако, минатиот вторник. Дуелот беше одложен за ден подоцна, но последиците фудбалерите на германскиот тим ги чувствуваат и понатаму.

„Се уште имам проблеми со спиењето. Тоа е најтешко, навечер не можам да заспијам. Кога ќе станам, драго ми е што сфаќам дека се наоѓам во мојот дом“, објаснува Бурки, кој во автобусот седеше веднаш до повредениот Марк Бартра.

Тој вели дека тимот како да не знаеше што се случува во текот на целиот меч против Монако, па можеби и затоа загуби со 2-3 следниот ден.

„Дури подоцна како да се освестив. Како да сонував, а лицето да ми беше покриено со превез. Не бевме во состојба да играме натпревар неполни 24 часа по бомбашкиот напад“, дополни голманот на Борусија Дортмунд.

Се вчитува...