Бутел прв до билет за Ф4 во Купот на Македонија

Бутел е првиот тим што обезбеди учество на завршниот турнир од ракометниот Куп на Македонија, откако скопскиот суперлигаш со две рутински победи славеше во својата група. Откако во полуфиналето беше подобар од Скопје, екипата на Бутел вечерва рутински се справи и со Струга, триумфирајќи со конечни 29-23 за место меѓу најдобрите четири состави во ова натпреварување.

Стружани утрово по голема борба ја совладаа екипата на Аеродром, па немаа сили за втор меч на високо ниво за помалку од 24 часа. Гостите парираа само десетина минути, до 6-6, по што „бутелци“ одиграа фуриозно до крајот на полувремето, на одмор заминувајќи со убедливи 18-12. Вторите 30 минути беа само рутина за домашните ракометари, кои без никакви проблеми ја одржаа убедливата предност, се до конечните 29-23.

Мајиќ беше најдобар стрелец и при овој триумф на Бутел, постигнувајќи осум погодоци, додека шест пати прецизен беше Митев. Во таборот на Струга најефикасни беа Барјактаревиќ со осум и Маркоски со пет гола.

Се вчитува...