Чави даде зелено светло: Барселона го купува Левандовски!?

Трнерот на Барселона, Чави Ернандес го „воскресна“ тимот од Каталонија и го врати на победничките патеки во Примера. Иако сезоната не е завршена, сепак сите од таборот на Барса веќе е со мислите за претстојното лето и следната календарска година.

Гол-машината од Баерн Минхен, Роберт Левандовски, на лето ќе влезе во последната година од својот договор со Баварците и според последните најави во Каталонија веќе ја подготвиле понудата за трансфер на фантастичниот центарфор, кој ги урна сите рекорди во Бундеслигата.

Левандовски има 20 милиони евра плата во Минхен, но во последно време освен за головите е во фокусот поради најавите дека ќе си замине, откако германски медиуми објавија дека дал последен ултиматум до раководството на Баварците или до лето да му дадат нов договор или ќе си оди, а притоа неговиот менаџер Пини Захави призна дека од Баерн нема стигнато никаков предлог или понуда за продолжување на соработката.

Како што објави „Мундо Депортиво“, Барселона која е во финансиска криза и нема доволно пари за да се „расфрла“, планира да го убеди Баерн да им го продадат Левандовски, а во замена покрај пари да им го дадат и Сержињо Дест, кој е на листата на желби за засилувања кај тимот од Минхен.

Наводно Барселона со 40 милиони евра плус Дест ќе се обидат да издејствуваат трансфер за Левандовски на една година пред истек на неговиот актуелен договор.

Се вчитува...