Чави двапати рече „НЕ“, откри кога планира да стане тренер на Барса

Легендарниот играч и поранешен капитен на Барселона, Чави Хернандез, откри дека двапати ѝ дал негативен одговор на Барселона, која го посакува на тренерската позиција.

Управата, предводена од Жоан Лапорта, во него гледа долгорочно решение, кое ќе го врати клубот на нивото кое го имаше за време на деновите на Пеп Гвардиола.

„Не брзам да се вратам во Барселона. Само што го продолжив договорот за уште две години со Ал Сад. Мојата цел е да напредувам, овде се чувствувам одлично и немам намера да го напуштам Катар. Сè уште учам, правам грешки, дел сум од еден прекрасен проект, кој не е поврзан само со Ал Сад, туку и со Светското првенство во Катар, кое ќе се одржи следната година и таму ќе имам важна улога. Секако дека не ми беше лесно да дадам негативен одговор затоа што сум навивач на Барселона, но ќе дојде вистинскиот момент. Само што слетав во Барселона, новинарите беа на аеродромот, сите ме прашуваа дали доаѓам во клубот, но Роналд Куман е тренер и заслужува почит. Ќе дојде вистинското време за мене. Кога Барса ми се јави, не беше вистинското време, не сакам да брзам и да направам погрешен потег“ , порача Шпанецот.

41-годишникот одигра 17 години во дресот на Барса и освои сè што можеше да се освои. Сега се насочи кон тренерскиот занает, а многумина веќе го гледаат како предводник на каталонскиот клуб во иднина.

Се вчитува...