Чави се фати за „метлата“ во Барселона: Четири фудбалери на излезна врата!?

Тренерот на Барселона Чави почна да го крои тимот за следната сезона, па веќе на четворица фудбалери им соопштил дека повеќе не смета на нив.

Според новинарот Џерар Ромеро, Чави ги поканил Оскар Мингеза, Рики Пуиг, Самуел Умтити и Мартин Брејтвајт на состанок и им рекол дека можат да си бараат нови клубови.

Целта на клубот е тие да бидат продадени, доколку плановите не се реализираат, тогаш Барселона ќе ги испрати на позајмица.

„Одлуката на Чави не ги изненади овие четворица фудбалери. Тие уште од доаѓањето на Чави во ноември знаат дека се отпишани, но исто така му се благодарни што научија многу од него на тренинзите“, пишува ‘Мундо Депортиво’.

Брејтвајт го привлече вниманието на неколку англиски, италијански и германски клубови играјќи за данската репрезентација, а „Мундо Депортиво“ пишува дека кариерата би можел да ја продолжи во италијанската лига. Оваа сезона 30-годишниот напаѓач одигра само 248 минути.

Умтити се поврзува со поранешниот клуб, Олимпик Лион, додека за Пуиг сериозни биле заинтересирани во Селта Виго.

Барселона, по завршувањето на сезоната ќе ја напуштат играчите кои се на позајмица Адама Траоре и Лук Де Јонг, додека Миралем Пјаниќ ќе се врати во Барселона, а потоа или ќе биде продаден или ќе биде испратен на позајмица.

Се вчитува...