Чеферин: Во европските натпреварувања нема место за клубови од Саудиска Арабија

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин стави крај на гласините за можно вклучување на клубови од Саудиска Арабија во европските фудбалски натпреварувања.

Според Словенецот во најсилните европски интернационални натпреварувања нема место за клубови кои доаѓаат надвор од континентот, а новиот тренд на преселба во Саудиска Арабија не е закана кон квалитетот на фудбалот.

„Само европските клубови ќе се натпреваруваат во Лигата на Шампиони, Лига Европа и Конференциската лига“, порача Чеферин кој потоа говореше и за пад во квалитетот на европскиот фудбал.

„Не мислам дека парите на Саудиска Арабија се закана на европскиот фудбал. Имавме слични примери и порано. Фудбалерите заминуваа во Кина од каде имаше големи финансиски понуди, но кинескиот фудбал не напредна поради тоа. Таквиот пристап не е вистински. Мислам дека во Саудиска Арабија или на било кое друго место првенствено треба да се вложува во образованието и напредокот на тренерите и играчите.

Колку што јас знам Килијан Мбапе и Ерлинг Халанд не сонуваат за играње во Саудиска Арабија. Повторувам, навистина не верувам дека во било која смисла ќе се загрози квалитетот на европските натпреварувања“, додаде Словенецот.

Се вчитува...