Челинџ куп – Младите вардарки немоќни на гостувањето во Шведска

Ракометарките на Вардар СЦЈС на гостувањето во Шведска загубија од Х65 Хорс со 26-13 во првиот натпревар од осминафиналето во Челинџ купот. Младите вардарки беа инфериорни во поголемиот дел од натпреварот против шведскиот тим и ќе имаат речиси невозможна мисија да ги  анулираат 13 гола  негатива на реваншот што ќе се одигра на 12 февруари во Скопје. Избраничките на тренерот Симе Симовски имаа повеќе технички грешки, одиграа несигурно во нападот и имаа долги периоди без погодок, што на крај ги чинеше убедлив пораз.

Домашниот тим уште на стартот ја покажа својата надмоќност поведувајќи со 5-1 во првата четвртина од натпреварот. Лошиот старт на вардарки го принуди тренерот Симовски да побара тајмаут, а советите дадоа резултат. Во наредните 5-6 минути, Вардар СЦЈС, направи серија од 3-0 и дојде на гол негатива (5-4), а малку потоа и на 6-5. И тука вардарки застанаа. Во последните десет минути, безидејната игра во нападот и несигурните шутеви кон противничкиот гол ги оставија без погодок. Швеѓанките тоа знаеја да го казнат. Постигнаа седум гола во серија и на одмор заминаа со предност од 12-5.

И во второто полувреме продолжи неефикасната игра на младите вардарки и од минута во минута се поизразената доминација на шведскиот тим кој умешно ја казнуваше секоја грешка на противникот. До средината на вториот дел, домашниот тим постигна девет, а Вардар СЦЈС само два гола, па на почетокот од последната четвртина Швеѓанките веќе имаа тројно поголема преднсот (21-7). Варадрки  беа не едноцифрен учинок се до 52.минута кога Маја Трпковска го постигна десетиот погодок за 22-10.  Домашниот состав дури и кога беше со две ракометарки помалку на терен, успеа да постигне гол и да ја зголеми предноста во завршните минути од натпреварот. На крајот Швеѓанките го завршија натпреварот со 13 гола предност (26-13) со кои обезбедија сигурна предност пред реваншот во Скопје и практично веќе го обезбедија пласманот во четвртфиналето од Челинџ купот.

Се вчитува...