Челинџ куп: Пелистер немоќен во дуелот со Спортинг

Ракометарите на Пелистер се пред елиминација во Челинџ купот, по поразот од Спортинг со 18-32, во првиот натпревар од осминафиналето. Пелистерци и двата натпревари од осминафиналниот дуел ги играат на гостински терен во Лисабон. На денешниот меч формално беа домаќини, а реваншот како гости го играат утре во истиот термин (19 ч.). Разликата од 14 гола не остава многу простор за оптимизам во крајниот исход од овој дуел.

Битолчани и пред осминафиналето беа свесни дека исксутвото и квалитетот се на страната на португалскиот тим, но најавија ќе се борат максимално и ќе настојуваат достојно да се спротивстават на посилниот противник. Но, Спортинг и не им остави многу простор за докажување на избраниците на Касам Каменица. Пелистерци тешко доаѓа до реализација, во првите 30 минути постигнаа само седум гола, а домаќините уште по првиот дел обезбедија недостижни девет гола предност (16-7).

Ни второто полувреме не донесе некоја поголема промена во односот на силите на терен. Пелистер одигра за нијанса поефикасно, но Спортинг одржуваше двоцифрена предност и на крај славеше убедлива победа со која практично, веќе го обезбеди пласманот меѓу осумте екипи што ќе го продолжат настапот во четвртфиналето од Челинџ купот.

Се вчитува...