Челси продава девет играчи, Челси собира пари за Халанд

Томас Тухел за два месеци имаше можност да ги „скенираа“ формата и квалитетите на фудбалерите на Челси, по што Германецот почна со составување на трансфер-листата за летниот преоден рок. Управата на лондонскиот клуб му ставила до знаење на Тухел дека ќе мора да се ослободи од дел од играчите за да се стигне до буџет за нови засилувања, од кои најголема желба на сите во Челси е на „Стемфорд бриџ“ да биде доведен Ерлинг Халанд.

Досега на трансфер-листата на менаџерот на Челси се наоѓаат девет фудбаалери, од кои дел сезонава се на позајмици во други премиерлигаши. Баркли, Лофтус Чик и Батшуаи ќе бидат продадени во текот на летото, а меѓу оние на кои Германецот не смета е и Фикајо Томори, младиот дефанзивец кој се наоѓа на позајмица во Милан. Теми Абрахам не успеа да го импресионира Тухел, па англискиот напаѓач веќе почна да ги пакува куферите и да ги разгледува понудите што ги има од неколку премиерлигаши.

Жоргињо повторно е поврзуван со Наполи и Јувентус, трансфер што „сините“ би го одобриле доколку добијат интересна понуда, а меѓу оние на кои Тухел не смета за наредната сезона се и Емерсон Палмери и Антонио Рудигер, како и најголемото промашување на Челси, најскапиот голман во фудбалската историја, Кепа Аризабалага.

Според британските медиуми, Челси планира да заработи најмалку 200 милиони фунти од овие девет трансфери, пари што потоа би биле реинвестирани во доведување на Халанд и на уште едно врвно засилување за одбраната (се споменува Кулибали од Наполи). Сепак, многу работи ќе зависат од тоа дали Челси ќе се пласира во ЛШ во наредната сезона, откако „сините“ го загубија четвртото место од Вест Хем по саботното фијаско на дуелот со ВБА.

Се вчитува...