Фемили реагира: МЗТ е задолжен како во раните 2000, бараме оставка и одговорност

Кошаркарскиот шампион на Македонија, МЗТ Скопје Аеродром денеска на ждрепката во седиштето на ФИБА во Европа ги доби противниците во групната фаза во Еврокупот на ФИБА.

Ждрепката одлучи македонскиот шампион да се најде во групата E заедно со екипите на АЕК Ларнака од Кипар, германски Вурзбург, Тарту од Естонија, грчки Ираклис и Варшава од Полска.

По ждрепката со соопштение излезе навивачката група на македонскиот шампион, „Фемили Аеродром“ која бара одговорност од раковдните лица на клубот.

Во продолжение ви го пренесуваме целото соопштение на „Фемили Аеродром“.

„Денес помина ждребот за најниското европско натпреварување во кое ќе настапува нашиот МЗТ Скопје. Некој ќе рече, ајде, барем од некаде да се почне, да се оди напред. Но тој некој не ја знае реалната слика.

Не знае дека клубот е задолжен како што не бил од раните 2000ти години. Не знае дека меѓу задолжените има и играчи кои последен пат го облекоа дресот во 2023 година. Не знае дека поради тие долгови странските „засилувања“ втората полусезона ја доиграа од куртоазија. Не знае дека најдобрите агенти веќе не праќаат играчи кај нас, а поранешните играчи набедуваат потенцијални засилувања да не доаѓаат.

„Драги“ челници на клубот – која е логиката да се прифати поканата за ова скапо натпреварување во сезона кога на нас екипата ќе ни биде најевтина и на најниско ниво во последните години? Како планирате, со долг од околу пола милион евра, да ги организирате тие далечни патувања, кога немавте средства да организирате патување за ниту еден претставник на ждребот во Минхен? Како со овој десеткуван ростер планирате да издржиме борба на три фронта? Дали долгот само ќе се продлабочува, а кривицата за сите проблеми ќе продолжите да го префрлате на други? Скоро 4 години водиме „тивка битка“ со менаџментот на клубот. Скоро 4 години се изнаслушавме секакви фантазии за „добри ветришта“. Ни претставија еден куп лажни ветувања за подобрување на ситуацијата, кои не само што не ги реализираа, туку напротив, добивме само уназадување – зголемување на долговите и целосна депопуларизација и аматеризација на нашиот клуб.
За воља на вистината, од целата кривица не може да се изостават ни „власниците“, кои не само што во повеќе наврати беа глуви на нашите барања за промени, туку и направија директен удар на финансиите на нашиот клуб.
Очигледно е дека клубот е менаџиран катастрофално и „ради реда“, и дека за некакви си „добри ветришта“ мора да има промени.
Затоа овој пат јавно бараме промени. Бараме ОДГОВОРНОСТ и ОСТАВКА!
Затоа што МЗТ Скопје е бренд кој треба да биде менаџиран од страна на компетентни луѓе кои ќе работат посветено и со визија, а не луѓе кои го гледаат клубот како хонорар.
ДО СМРТ СО МЗТ СКОПЈЕ“, стои во соопштението на „Фемили Аеродром. 

Се вчитува...