Червар: Горење е фаворит, но ќе се обидеме да ги „решиме“

Во последниот натпревар од регионаланатa СЕХА лига на домашен терен, Металург утре (17.45 ч.) го пречекува Горење. И двете екипи се во долниот дел на табелата во СЕХА, но Словенците имаат победа против Металург на првиот дуел на домашен терен. Тренерот на Металург, Лино Червар им ја препушта фаворитската улога и на утрешниот дуел во Скопје, но најави дека Металург ќе бара решение за нивната одбрана и шанса за уште една победа пред својата публика.

„После Целје тие се најдобрата екипа во Словенија. Освен поранешните вардарци Тоскиќ и Брумен, во составот ги имаат и Цехте, Левец и Митровиќ. Не надиграа во првиот дуел со цврста одбрана 6-0, играа агресивно и ние тешко доаѓавме до гол. За нас Горење е незгоден противник бидејќи покрај одбраната имаат и брза транзиција и на првиот натпревар ни правеа многу проблеми со брзите контри и полуконтри. Играат со таква динамика што нема да биде лесно. Мислам дека мора да најдеме решение за тоа. Тие се фаворити на хартија, но ние ќе се обидеме да го решиме проблемот со нивната одбрана. Ќе биде интересен натпревар“ – најави Лино Червар на прес-конференцијата пред натпреварот.

Дополнителен хендикеп за Металург пред дуелот со Горење се некомплетниот состав и проблемите со повредите.

„За нас проблем ќе биде казната на Жарко Пешевски, а неизвесен е и настапот на Марко Нелоски кој има мал проблем со коленото. Нема да бидеме комплетни и тоа е дополнителен проблем“ – вели Червар.

По 15 одиграни натпревари, Металург е на 7.место на табелата со четири победи, едно реми и 10 порази. Со сличен скор во својата деби сезона во СЕХА лигата е и тимот на Горење кој е едно место подолу  со четири победи и 10 порази, со еден натпревар помалку од Металург.

Се вчитува...