Легендарниот хрватски ракометен стратег, Лино Червар, денеска и официјално беше промовиран како нов шеф на стручниот штаб на Е. Пелистер.
Свечената промоција се одржа во Офицерскиот дом во Битола. Червар пред присутните ги презентираше својата визија и долгорочните планови за работа со клубот.
„Чест ми е да работам во Битола, град со огромна ракометна традиција. По осум години се враќам во мојата втора татковина и тука ќе биде крај на мојата кариера. Пред тоа што одлучив дека на се доаѓа крај, а тоа е најубаво во градот каде ракометот е религија. Има луѓе кои сакаат спорт, да го работиш она кое го сакаш е најголемата среќа на човекот. Видов дека постои желба кај луѓето од Битола да дојдам и го прифатив тоа.
Поздрав за сите поранешни тренери, играчи кои играле за Еурофарм Пелистер, тоа за мене е најголемото ракометно име во Македонија. Имам тешка задача, конкуренцијата е голема, ама мораме да одиме позитивно. Мора да ги пофалиме конкурентите, Вардар кој се разбуди и оди со крупни чекори, потоа и Охрид кој освои европска титула, мора да бидеме пријатели и да соработуваме, ама да има и борба.
Македонија е мала земја, мора сите да бидеме едни за други, ама кога ќе играме, се знае што треба, како што јас велам, Еурофарм Пелистер над се. Само еден тим, само еден град, само Битола. Тоа ќе биде во глава и така ќе ја тренирам екипата заедно со сите мои помошници и асистенти. Ние сме една фамилија, ќе дадеме се од себе и да ја оправдаме довербата“, изјави Червар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
