Чешка ја елиминираше Турција

Кошаркарската репрезентација на Турција по несреќниот пораз од Соединетите Американски Држави, загуби и од Чешка со 91-76 со што не успеа да се пласира меѓу шеснаесетте најдобри репрезентации на Мундобаскетот.

Избраниците на Уфук Сариџа не успеаја да се консолидираат по несреќниот пораз од Американците во минатото коло, прикажувајќи игра далеку под нивните квалитети. Чесите искусно го одиграа мечот, контролирајќи го резултатот во сите четириесет минути. Првата четвртина ја добија со плус шест, а до крајот на полувремето успеаја да ја чуваат разликата и на пауза заминаа со предност од (43-35). Третата четвртина се играше кош за кош, а Турците заиграа подобро на стартот на последниот период кога успеаја да се доближат на минус три (69-66). Тоа беше се што успеаја да направат, а Чесите со нова серија од 8-0 стигнаа до убедлива предност од (77-66), која успеаја да ја задржат до самиот крај за конечна победа од 91-76.

Предводник на чешката репрезентација беше Војтех Хрубан со 18 поени, Балвин додаде 17, а Ауда 16. Кај Турците единствен расположен беше Охриѓанецот Чеди Осман со 24 поени, кој поради две неспортски лични грешки беше исклучен на минута до крајот.

Во вториот меч од терминот во 10:30 часот, Германија го декласираше Јордан со 96-62.

Се вчитува...