Честитки од сите страни: Еве зошто ракометот е спорт број 1

Охрид испиша историја за клубот, но и за македонскиот ракомет станувајќи четврти тим од нашата земја што стигнал до европски трофеј (по Кометал ЃП, Вардар и Алкалоид).

Очекувано, на адреса на охриѓани стигнуваат бројни честитки од сите страни, апсолутно заслужено по сето она што овој клуб го оствари во сезоната што измина.

„Честитки до ГРК Охрид за историскиот успех и освојувањето на титулата во Европскиот Куп!

Со две победи во финалните натпревари против унгарската Татабања, охриѓани испишаа нова страница во македонскиот ракомет и ја освоија првата европска клупска титула во својата историја.

Ракометната федерација на Македонија им честита на играчите, стручниот штаб, раководството и навивачите на ГРК Охрид за овој голем успех и им посакува уште многу победи и успеси на меѓународната сцена“, порачаа од Ракометната Федерација на Македонија.

„Пораки стигнаа и од дел од македонските клубови, предводени од новиот шампион Вардар.

РК Вардар 1961 му ја честита титулата во ЕХФ-Купот на ГРК Охрид!  Ваквите европски успеси се гордост за сите нас, кои сме дел од ракометот во државата и заслужуваат најискрени честитки!

Македонија и Охрид уште еднаш покажаа дека ракометот е спорт број 1 во Македонија!

 Ви посакуваме уште поголеми успеси во иднина“, се вели во честитката на скопските црвено-црни.

Искрени честитки пристигнаа и од скопска Автокоманда, РК Алкалоид како лански освојувач на ЕХФ Европскиот куп ја предаде „штафетата“ на охриѓани.

„РК Алкалоид упатува искрени честитки до ГРК Охрид за освоениот трофеј во Европскиот Куп на ЕХФ! Убаво е чувството кога две години по ред, екипа од Македонија доаѓа до престижното одличје – добредојдовте во друштвото на освојувачите“, порачаа од Алкалоид.

Се вчитува...