Последните четири билети за лигашката фаза во Лигата на шампионите ќе бидат поделени вечерва, кога на програмата се четири реванш-натпревари од плејофот. Сите дуели започнуваат од 21:00 часот по македонско време.
Најголемо внимание привлекува пресметката во Атина, каде АЕК ќе го пречека Левски. Првиот натпревар во Софија заврши без голови, па двете екипи во реваншот влегуваат со целосно отворени шанси.
Левски има дополнителен мотив бидејќи последен пат настапуваше во групната фаза на Лигата на шампионите во сезоната 2006/07. Доколку го елиминира АЕК, бугарскиот клуб ќе испише историја како првиот тим од својата земја кој ќе заигра во новиот формат на Лигата на шампионите со 36 екипи.
Интересно ќе биде и на „Жерлан“, каде Лион ќе го пречека Фенербахче. Турскиот гигант во првиот меч во Истанбул не успеа да стекне предност, па по 1-1 сè ќе се решава во Франција.
Голема битка се очекува и во Норвешка. Викинг ќе го пречека Динамо Загреб, откако хрватскиот шампион во првиот меч пропушти одлична можност да стекне значајна предност. Динамо водеше со 2-0, но Викинг направи голем камбек и стигна до 2-2.
Последниот двомеч е меѓу Целје и Слован Братислава. И таму првиот натпревар заврши 1-1, па словенечкиот и словачкиот претставник ќе имаат 90, а можеби и 120 минути за да го решат патникот во елитното натпреварување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
