Екипата на Башкими и натаму ги чека спонзорите, а во клубот владее целосна конфузија околу подготовките на екипа. Официјална информација за почеток на подготовките нема, а во меѓувреме од екипата си заминуваат играчи.
Арменд Алими, капитенот на тимот заминува во играчка пензија, а клубот го напушти и Мухарем Мислими. Како што дознава ЕКИПА, има најави за напуштање на уште четворица фудбалери, и тоа играчи кои играа клучна улога во изминатата сезона, кога тимот обезбеди опстанок.
Согласно информациите, следни кои ќе ги заминат од кумановскиот тим се и искусниот стопер Есмин Личина, потоа левиот бек Фисник Зука, голманот Амир Јашар и фудбалерот од средниот ред Филип Алексовски. Сите се слободни агенти, и наскоро ќе треба да најдат средина каде ќе ги продолжат своите кариери.
Сите овие четворица беа стандарни првотимци, и заедно со Алими кумановските „зелено-црни“ ќе го загубат добар дел од костурот на тимот. Останува тимот да добие и нов тренер, со оглед дека Блаже Јанакиевски најави разделба, а се споменува името на Муарем Муарем, кој треба да направи „кам-бек“ во тимот. Меѓутоа Башкими и натаму живее во неизвесност околу иднината, и се очекува тоа да биде расчистено во брзо време.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
