Трофејот во Купот вечерва го чека победникот во големото финале, во кое се среќаваат Силекс и Шкендија на Националната Арена „Тодор Проески“ со почеток во 20:00 часот.
Силекс јуриша кон четвртиот трофеј во историјата, го игра шестото финале, додека, пак, за Шкендија исто е шесто финале, а досега имаат два трофеи во ова натпреварување.
За кратовскиот тим овој меч е финале на Купот, но и финале за излез на меѓународна сцена, односно во Лигата на Конференции, со оглед дека тие завршија како четвртопласирани на табелата.
„За нас ова е меч на сезона затоа што знаеме тој меч ни носи излез во Европа. Со Шкендија сезонава одигравме добри натпревари. Добро се познаваме. Ќе биде меч за уживање и нека победи подобриот. Шкендија е во мала предност поради искуството од Европа, но ова е еден меч и се надеваме дека ние на крајот ќе се радуваме“, рече Васоски.
Лигата на Конференции е веќе обезбедена од страна на Шкендија. Тимот до пред ова коло во ПМФЛ беше во битката и за титулата, но ја загуби после победата над Струга ТЛ на гости, и сега ова е единствена шанса за трофеј.
„Мислам дека Шкендија по 8 години е во финале на Купот и нормално ќе влеземе максимално во овој меч и како екипа која сака да се надигрува. Имаме почит кон Силекс кои последниве две години играат одлично. Лани до последно коло се бореа со нас за титулата. Нијанси ќе одлучуваат. Можеби имаме мала предност од нашото европско искуство, но во еден меч тоа нишо не значи бидејќи секогаш во овие мечеви одлучува еден момент. Ние ќе дадеме се од себе да победиме утре. Пред се сакам фер натпревар и да има коректно судење па кој ќе е посреќен нека се радува на крај“, рече Беќири.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
