Човекот што го откри Бејл сега силно верува во Елмас

Дамиен Комоли пред неколку дена беше именуван во нов директор на Фенербахче, а една од првите одлуки на францускиот фудбалски стручњак е поврзана со Елиф Елмас. Имено, Комоли е убеден во фудбалските квалитети на Елмас и веќе јасно стави до знаење дека нема намера да ги прифати понудите за „македонскиот дијамант“, на кого очигледно многу посериозно ќе се смета во Фенербахче за наредната сезона. Французинот своевремено беше директор на Тотенхем, и тоа во периодот кога клубот токму на негово инсистирање го доведе тогаш тинејџерот Герет Бејл од таборот на Саутемптон. Тој ги препозна квалитетите на велшкото „чудо од дете“ и стори се што можеше за да го доведе на „Вајт харт лејн“, за потоа под водство на Хари Реднап и на наредните стратези на „спарси“ Велшанецот да прерасне во нова фудбалска мегаѕвезда.

Елиф Елмас лани не ја доби шансата што му беше ветена во Фенербахче, па логично беше македонскиот репрезентативец да побара да му биде дозволено да си замине во клуб каде би имал повеќе шанси да ги покаже своите квалитети. Се јавија неколку заинтересирани клубови ширум Европа, понуда испрати и повратникот во елитата на турскиот фудбал, Анкарагучу, но Комоли делува дециден на оваа тема – иднината на Елмас е во Фенербахче.

Јасно е дека македонскиот ас поседува огромен потенцијал, а со вербата на највисокото раководство би требало да дојде и до поголема минутажа, за Елмас да ги покажува квалитетите што ги поседува на терените ширум Турција.

Се вчитува...