ЧСМ Букурешт одигра страшно – Мец демолиран за место на Ф4

ЧСМ Букурешт со едната нога веќе се наоѓа на фајналфор турнирот во Будимпешта откако романскиот првак вечерва во првиот четвртфинален натпревар го демолираше тимот на Мец со преубедливи 34-21. Тренерската смена и доаѓањето на Пер Јохансон на клупата непосредно пред овој двомеч се покажа како вистински потег, ЧСМ одигра беспрекорно и на крајот заслужено стигна до победата.

Нападот беше главен адут на романскиот тим во првото полувреме, само по десетина минути игра ЧСМ Букурешт поведе со 6-2, потоа продолжи да го полни голот на противникот и по 30 одиграни минути домашната екипа веќе имаше постигнато 19 погодоци (19-13). Во вториот период Романките заиграа доминантно и во одбраната, што придонесе разликата експресно да порасне, па ЧСМ на крајот да го добие мечот со конечни тринаесет гола предност.

Кристина Неагу беше незапирлива со десет гола од вкупно дванаесет обиди, без грешка одигра и Гулден (7/7), а на голот одлична беше Грубишиќ. Кај Мец единствена расположена ракометарка беше Ана Грос со девет погодоци.

Се вчитува...