Чуамени се пофали со мега-трансфер, но Реал не сака ни да чуе за сумата што ја бара Монако

Орелиен Чуамени е еден од најпосакуваните фудбалери за врска летово, Реал Мадрид и Ливерпул веќе испратија понуди за да го донесат асот на Монако во своите редови, а попладнево се чинеше дека работата е завршена.

Француските медиуми објавија дека младиот плејмејкер им се пофалил на соиграчите од Монако дека кариерата ќе ја продолжи во Реал Мадрид. Тој веќе ја прифатил понудата на „кралевите“, се чинеше дека и клубовите се блиску до целосен договор, но вечерва стигна демант на таа информација.

Имено, челниците на Реал Мадрид јасно ставиле до знаење дека немаат намера да платат 80 милиони евра, колку што бара Монако за овој фудбалер. Цената на Чуамени пред нецел месец се движеше меѓу 40 и 50 милиони евра, но по интересот на двата финалисти од ЛШ „кнезовите“ решија да се обидат добро да го наплатат овој трансфер.

Пораката од Флорентино Перез е јасна – таа сума е превисока за Реал Мадрид, а сличен е ставот и на челниците на Ливерпул. Останува да се види дали Монако ќе попушти и ќе ја намали цената за својот суперталентиран играч за врска, или францускиот клуб ќе остане цврсто на ставот и ќе чека да се јави гигант што ќе биде подготвен да плати богатство за Чуамени.

Се вчитува...