Чудесен пресврт на Баерн во Лајпциг

Лајпциг и Баерн Минхен одиграа фантастичен натпревар во претпоследното коло од Бундес-лигата, кој по голема битка заврши со триумф на гостинскиот тим од 4-5.  Веќе е јасно дека Баерн повторно е шампион, а Лајпциг вицепрвак, па двата тима без никаков резултатски притисок одиграа фантастичен натпревар. На теренот подобро се снајдоа домашните фудбалери, кои од втората минута стигнаа до водство и го контролираа резултатот до самиот крај, но сепак на крајот капитулираа пред налетите на баварскиот гигант. Тијаго намали на 3-2, потоа Левандовски беше прецизен за 4-3, пред Давид Алаба во 91 минута да спаси бод за актуелниот шампион. И кога се чинеше дека мечот ќе заврши без победник, Арјен Робен блесна во 95. минута и донесе триумф на гостите од Минхен.

Максимално ефикасно беше и во Бремен, каде Хофенхајм славеше со преубедливи 3-5 на гостувањето против Вердер. Гостите, кои се борат со Борусија Дортмунд за третото место на табелата, стартуваа фуриозно и поведоа со убедливи 0-5, пред домаќините преку Гебресиласие, Баргфреде и Бауер само да го ублажат поразот.

Хофенхајм и Борусија Дортмунд на едно коло до крајот се израмнети по бројот на бодови откако „милионерите“ попладнево одиграа само 1-1 на гостувањето против Аугсбург. Тимот на Томас Тухел се најде во негатива, па израмни преку Обамејанг, но со слаба игра во второто полувреме „црно-жолтите“ не успеаја да го комплетираат пресвртот.

Резултати Германија:

Вердер – Хофенхајм 3-5, Аугсбург – Борусија Д. 1-1, Баер Л. – Келн 2-2, Дармштад – Херта 0-2, Фрајбург – Инголштад 1-1, Мајнц – Ајнтрахт 4-2, Шалке – Хамбургер 1-1, Лајпциг – Баерн 4-5, Волфсбург – Борусија М. 1-1.

Се вчитува...