Чудни критериуми за рангирање на клубовите за ваучер-системот

Ваучер-системот за спонзорирање во спортот преку даночни олеснувања овозможени во Законот за данок на добивка ќе функционира според поделбата на спортските субјекти во неколку категории, а рангирањето ќе биде направено според понудените критериуми кои засега се во фаза на предлог. ЕКИПА дојде до предлог критериумите.

Според понуденото решение би постоеле шест категории во кои највисоката би овозможила ваучер во вредност од 500.000 евра, а најниската од 5.000 евра.

Најголем број бодови се разбира на клубовите би им донеле учествата во меѓународни натпреварувања, Лигата на шампионите, регионални натпреварувања, потоа домашното првенство и Купот.

Според предлагачот максимални 50 бода во рангирањето би добил клуб кој се натпреварува во Лигата на шапионите, а уште 50 бода носи титула во елитното натпреварување. Потоа следно по значење и по висина на бодови се регионалните натпреварувања кои носат дополнително зголемување ако сте дел од завршницата и особено ако освоите титула. Од македонските клубови, само ракометните учествуваат во елитното натпреварување, а се дел и од СЕХА лигата. Во кошарката имаме еден клуб во АБА 2 лигата, додека во фудбалот во кој обејктивно е и најтешко обезбедувањето место во натпревувањата на УЕФА, нашите клубови најчесто завршуваат во квалфикациите или баражот, додека само Вардар минатата сезона беше дел од групната фаза во УЕФА Европа лигата.

Бројот на репрезентативци кои ќе дава клубот во националната селекција исто така е критериум според кој клубот може да добие бодови. Максималната бројка од 20 бода е ако имате 4 или повеќе репрезентативци. Поголем број домашни играчи исто така влијае за повеќе бодови на табелата во рангирањето.

Значаен критериум е и тоа дали клубот има екипи во младинските конкуренции. Структуралната организираност на клубовите, технички и тренерски кадар дополнително се бодува.

Бодови носи и податокот дали натпреварувањето се емитува на телевизија и тоа најмногу ако е тоа национална ТВ, помалку ако е кабловска или интернет. Овој критериум е сепак нешто што не зависи директно од клубовите.

Фудбалските клубови од Првата и од Вторите лиги први јавно и гласно проговореа за критериумите отфрлајќи ги како начин според кој може да биде направена поделбата во овој спорт. Тие бараат за фудбалот да има посебни критериуми бидејќи според нив во понуденото решение има критериуми кои не можат да бидат користени за фудбал како што се на пример регионалните натпреварувања за кои според регулативата на УЕФА не постои можност да бидат организирани.

Ваучер-системот ќе биде единствената можност за спонзорирање во спортот со даночно олеснување со оглед дека претходното решение кое постоеше во Законот за данок од добивка е укинато.

Принт-скрин од предлог критериумите за рангирање на спортските клубови

Се вчитува...