Чудниот пат на Денис Истомин: Страшна сообраќајка, едвај прооде повторно, а сега го победи Ѓоковиќ

Узбекистанецот Денис Истомин и Германецот Миша Зверев се тенисерите кои се во фокусот на вниманието на Австралија Опен, откако во раната фаза успеаја да ги елиминираат главните фаворити за титулата, бранителот на трофејот Новак Ѓоковиќ, и прворангираниот на АТП – листата, Енди Мареј. Ова е приказна за Денис Истомин, кој пред 16 години имаше голема трагедија, страшна сообраќајна несреќа од која едвај се извлече жив, а сега дочека и да триумфира над Новак Ѓоковиќ.

„Животот е навистина чуден. Јас сум среќен што воопшто играм тенис, да не зборувам за триумфот над Новак Ѓоковиќ. Затоа по големата победа, и се јавив на мојата мајка Клаудија и и реков дека се случи уште едно чудо. Првото беше во 2001 година. Благодарен сум му на Господ што останав жив по страшната сообраќајна несреќа. Докторите велеа дека нема шанси повторно да бидам спортист, стравуваа дали ќе проодам повторно, но со многу желба, труд и напор, успеав во тоа. По повеќе од две години рехабилитација застанав на нозе, а потоа и се обидов повторно со тенисот. Прво на мали турнири во Русија, но потоа си реков, зошто да не, ајде да се обидам и малку попрофесионално. И еве ме сега, го победив Новак Ѓоковиќ на Австралија Опен. Никогаш не велете дека нешто не можете да го остварите“, вели Денис Истомин.

denis istomin 2

Неговата мајка Клаудија го следи на настапите ширум светот. Таа е горда на својот син, му се радува што воопшто е жив, а сега ужива во благодетите на спортот.

„Минавме низ страшна трагедија. Не сакам многу ни да се присетувам на тие страшни моменти. Благодарни сме на Бога што го чуваше Денис, а сега солзи радосници ми течат секојпат кога ќе истрча на тенискиот терен. Не е важно дали ќе победи или не, за мене тој е животен победник“, истакнува неговата мајка Клаудија.

Во осминафиналето на Австралија Опен, Денис Истомин ќе ги одмери силите со бугарскиот тенисер Григор Димитров.

Се вчитува...