Севилја останува без значаен адут во иднина откако досегашниот спортски директор Рамон Родригез Вердехо, во јавноста попознат како Мончи, постигна согласност за заминување од клубот на крајот од сезонава. Мончи важеше за вистински чудотворец поради начинот на кој раководеше со трансферите на Севилја, успевајќи да избере засилувања кои прераснуваа во мегаѕвезди, кои потоа скапо им ги продаваше на гигантите ширум Европа.
Тоа беше случај со Рејес, Баптиста, Рамос, Дани Алвеш, Ракитиќ, Адријано… па неслучајно за Мончи со години наназад се интересираа најголемите клубови на Стариот континент. Тој долго време беше лојален на Севилја, за сега дефинитивно да донесе одлука за заминување од клубот од Андалузија.
„Постигнат е договор за заминување на Мончи на крајот од оваа сезона. Повеќе информации ќе добиете од нашиот претседател, како и од самиот Мончи, на прес-конференцијата што ќе се одржи утре“ – се вели во соопштението на Севилја.
Рома речиси сигурно ќе биде новиот предизвик во директорската кариера на шпанскиот „чудотворец“, откако „волчицата“ пред извесно време се пофали дека преговорите се во завршна фаза, а Мончи со ваквиот развој на настаните добива одврзани раце без никаква отштета да се пресели на „Олимпико“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА