Иван Чупиќ имаше дебитантска сезона од соништата со Вардар, стигнувајќи до двојна круна на домашната сцена, како и до четвртфиналето во ЕХФ Лигата на Европа.
Хрватскиот стратег денеска го одржа првиот собир со „вардарци“ со што беше означен стартот на подготовките за новата сезона во која „црвено-црните“ повторно се главни кандидати за трофеите. Сепак, Чупиќ останува максимално претпазлив, истакнувајќи дека македонскиот шампионат никогаш не бил така израмнет, со четири екипи на кои хрватскиот стручњак им дава по 25% шанси на крајот од сезонава да се радуваат на титулата.
„Целите што ги имаме зацртани остануваат исто, кога е домашното првенство и купот во прашање Вардар секогаш ќе оди на двојна круна. Сепак, едно треба да биде јасно, за мене како тренер и за целата екипа – едно е да освоиш титула, нешто сосема друго е таа титула да ја одбраниш. Денеска почнува нов маратон, ама сигурно дека ќе биде потешко од минатата сезона. Останатите конкуренти се засилија, тоа веќе е нормално во мак-ракометот. Пелистер, Охрид и Алкалоид, сите ги подобрија своите екипи.. Мислам дека сите имаат по 25% шанси за трофејот, а ние така ќе се однесуваме на теренот. Знаеме дека ја браниме титулата, Купот, ама маратонот ни почнува од денес и со многу работа сакаме пак да славиме во јуни. Пред нас е многу тешка македонска лига, голема почит до сите“, изјави Чупиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
