Чупиќ пред стартот на ЛШ: Имаме млада екипа, но на Вардар е да покаже дека му е местото во елитата на Европа!

По петгодишна пауза, Вардар повторно ќе настапи во Лигата на шампионите. Новата европска сезона за црвено-црните почнува во четврток со гостување кај германскиот Мелсунген.

Натпреварот ќе се одигра утре во салата во Касел, со почеток во 20:45 часот. Ова ќе биде првото коло од групата Б во новата сезона на најквалитетното европско клупско натпреварување.

Вардар и Мелсунген добро се познаваат од минатата сезона, кога одиграа два меѓусебни натпревари во Европската лига, а „вардарци“ триумфираа. Сега следува нова пресметка, во различни околности и на повисоко натпреварувачко ниво.

Тренерот на Вардар, Иван Чупиќ, очекува сосема поинаков натпревар и нагласува дека германскиот тим ќе треба да ја потврди фаворитската улога на теренот.

„Нормално е дека сега ќе биде различно. Ова е сосема друго натпреварување и друг дел од сезоната. Кога игравме против нив минатата сезона, тие веќе имаа доволно бодови, а во тој период имаа и многу повредени ракометари. Сега се комплетни, а станува збор и за отворање на Лигата на шампионите. Затоа очекувам сосема поинаков натпревар“ – вели Чупиќ и дополнува:

„Ние во моментов сме во малку незгодна ситуација. Не се сите ракометари здрави и имаме одредени проблеми. Тешко дека на почетокот ќе можеме да настапиме со поширок состав. Го имаме тоа што го имаме, а потоа ќе видиме како ќе се развиваат работите. Секако дека би бил задоволен со победа. Со што друго би можел да бидам задоволен?“.

За генералните очекувања од настапите во Лигата на шампионите сезонава…

„Тешко е да се зборува пред почетокот и пред првиот натпревар. Вардар е млада екипа, условно кажано. Во сегашниот состав нема многу ракометари со искуство од настапи во Лигата на шампионите. Можеби само двајца или тројца имаат такво искуство, но не треба премногу да зборуваме за тоа. Имаме уште малку за да го подготвиме натпреварот. Се надевам дека добро ќе се подготвиме и дека ќе отпатуваме подготвени да се докажуваме. Нормално е Мелсунген да ја има фаворитската улога, но тие ќе треба да го покажат тоа на теренот. Ние, пак, треба да покажеме дека сме подготвени за Лигата на шампионите и за еден сериозен натпревар“, изјави Чупиќ.

Се вчитува...