Да се биде или не за МЗТ: Игокеа мора да падне во Аеродром

МЗТ Скопје вечерва (21 часот) против Игокеа го игра еден од клучните натпревари за опстанок во АБА-лигата. По убедливиот пораз од ФМП во минатото коло, македонскиот првак се враќа назад во Скопје со една единствена цел, со триумф над Игокеа да направи огромен чекор напред во бегството од „фенерот“ и обезбедување на опстанок во регионалното натпреварување.

Стефан Синовец се уште е надвор од тимот на „металците“, отсутен ќе биде и Девон ван Острум, но во редовите на македонскиот шампион владее оптимизам дека ќе се стигне до посакуваниот триумф.

Очекувам мобилизација кај моите кошаркари, од кои се надевам дека максимално ќе ги извршат зададените задачи, пред се во дефанзивата. Мораме да ја вратиме играта од пред десетина дена, кога остваривме три победи во низа во АБА-лигата. Ова е најважниот натпревар за нас сезонава, мораме да бидеме фокусирани и да дадеме се од себе. Игокеа е незгоден тим, но ние мораме да бидеме господари на паркетот и не смееме да дозволиме да бидеме изненадени“ – изјави тренерот Анте Назор.

Отсуството на двајцата бекови ќе значи поголем притисок за Ксавиер Тејмс, но американскиот кошаркар е подготвен за тој предизвик.

Ова е натпревар што не смееме да го загубиме. Мораме да заборавиме се што се случуваше во изминатиот период, да ги оставиме во втор план сите малери и несреќни порази и сите сили да ги насочиме кон Игокеа. Нема да биде лесно, но верувам дека имаме квалитет за да успееме во тоа“ – оптимист е Американецот во редовите на МЗТ Скопје.

Се вчитува...