Да се знае кој е шампион: Ливерпул ги растури „волците“

Ливерпул славеше со 4-0 над Вулверхемптон, враќајќи се на делба на првото место на премиерлигашката табела со екипата на Тотенхем.

Првиот меч пред 2.000 фанови на „Енфилд“ по пауза од девет месеци беше крајно емотивен за избраниците на Јирген Клоп, кои се погрижија навивачите кои имаа среќа да бидат на трибините презадоволни да се вратат дома.

Мохамед Салах го отвори резултатот по големата грешка на Конор Коуди, а дефанзивецот на Вулвс беше во главна улога и во финишот од полувремето, кога беше досуден пенал за стартот на Мане врз него. Сепак, ВАР снимките покажаа дека Коуди глумел, судијата ја промени одлуката, по што на полувреме се замина со минимална предност на актуелниот првак.

Вториот дел донесе целосна доминација на домашниот состав, најпрвин Вајналдум постигна прекрасен гол за 2-0, на 3-0 зголеми Матип на асистенција на Салах, а четвртиот погодок беше автогол на Семедо по центаршутот на Александер Арнолд.

Се вчитува...