Да се знае кој е шампион: МЗТ Скопје му одржа лекција на вицепрвакот Еуро Никел

МЗТ Скопје ја демонстрираше својата моќ откако во дерби дуелот славеше над вицешампионот Еуро Никел со убедливи 81-67. „Металците“ настапија со ограничен ростер, без Американецот Вер кој си замине и неговата замена Морис Кари, кој се уштене е пристигнат во Скопје, но и со скратена ротација му одржаа лекција на противникот. Пресудна беше одбраната на шампионот, која ги затвори приодите во рекетот, но и скок играта на МЗТ со која целосно издоминира во рекетот (45-28 во скокови за МЗТ Скопје).

Гостите од Кавадарци нешто подобро ја почнаа средбата со реализираните тројки на Американецот Калахан, но штом МЗТ ја консолидираше одбраната актуелниот првак ја презеде контролата над резултатот. Првата четвртина заврши со водство на „металците“ од 21-15, Еуро Никел се врати само за момент во вториот период, но кавадарчани премногу форсираа шут од далечина, тројките не беа нивно оружје по серијата промашувања, но благодарение на добрата одбрана на гостинскиот состав на одмор се замина со само пет поени предност за аеродромци (37-32).

Тоа беше се што Еуро Никел успеа да стори бидејќи преостанатите 20 минути од средбата минаа во доминација на МЗТ Скопје. „Металците“ почнаа да погодуваат и од далечина и од рекетот, додека серијата промашувања на Еуро Никел продолжи, по три четвртини резултатот гласеше 57-44, а веќе на самиот почеток од последниот период „металците“ стигнаа и до дваесет поени предност (66-46). Атмосферата за момент зовре откако судиите не видоа очигледен фаул под кошот од Соколов над Милошевиќ, уследија техники грешки за клупата на МЗТ и за Милошевиќ, по што Еуро Никел на четири минути до крајот намали на 72-60. Тоа беше сешто гостите успеаја да сторат, МЗТ Скопје рутински го приведе мечот до крај и конечните 81-67.

Високите играчи на шампионот беа во главна улога во нападот, Крстевски беше најефикасен со17, пред Дејвис и Рикиќ со по 14 поени, додека Милошевиќ оствари дабл-дабл од 10 поени и 11 скокови.

Калахан со 14 поени и Николовски со 11 поени беа најефикасни во редовите на Еуро Никел.

Се вчитува...