Далас и без Дончиќ ја запре фантастичната серија на Милвоки

Лука Дончиќ се повреди во најлош момент за Далас, со оглед на тешкиот распоред што овој тим ќе го има го новогодишните празници. Сепак, Далас покажа дека е многу повеќе од еден играч, откако и без својата најголема „ѕвезда“ успеа да триумфира на гостувањето против Милвоки со 116-120. Со тоа, Маверикс ја прекинаа серијата од 18 победи на Милвоки, пред се благодарение на беспрекорната тимска игра со која шест кошаркари стигнаа до двоцифрен број на поени, а најефикасни беа Порзингис и Сет Кари со по 26.

Во таборот на Милвоки блескаше Адетокумбо, кој постигна 48 поени, на крајот сепак недоволно за да се стигне до 19. победа во низа.

Многу интересно беше и во Хјустон, каде „ракетите“ со огромен пресврт забележаа победа над Сан Антонио (109-107). Хјустон се врати од негатива од 25 поени, најголем камбек во клупската историја, и стигна до триумф пред се благодарение на одличните Вестбрук (31 поен) и Харден (28 поени).

Уште поголем камбек направи тимот на Оклахома Сити, кој славеше со 109-106 над Чикаго, надополнувајќи негатива од 26 поени. Крис Пол беше одличен со 30 поени, 10 скока и 8 асистенции, додека Галинари учествуваше со 22 поени во овој триумф на својата екипа.

Резултати:

Детроит – Вашингтон 119-133, Торонто – Кливленд 133-113, Хјустон – Сан Антонио 109-107, Мемфис – Мајами 118-111, Милвоки – Далас 116-120, Оклахома – Чикаго 109-106, Феникс – Портланд 110-111.

Се вчитува...