Далеку е ова од „стариот Вардар“: Парондо тргна со пораз

Роберто Гарсија Парондо нема по добро да го памети своето деби на клупата на Вардар откако „црвено-црните“ вечерва на турнир во Германија загубија од второлигашот Хамбург со убедливи 31-25. Парондо дојде на чело на „вардарци“ на местото на Раул Гонзалес, но очигледно е дека Шпанецот го очекуваат полни раце работа за да создаде силен колектив по заминувањето и на дел од клучните ракометари од минатите сезони.

Доказ за тоа беше и денешниот дуел со Хамбург, поранешен европски првак кој поради финансиски проблеми сега е дела од втората лига во Германија, но кој покажа одлична игра во пресметката со „вардарци“. Одбраната не функционираше цел натпревар, голманската позиција очигледно е претенка откако по Штербик си замина и Милиќ, а Милосављев е предалеку од највисока класа неопходна кога се игра во ЛШ.

Додека функционираше нападот, во првото полувреме се одржуваше неизвесност и на одмор се замина со предност на Хамбург од минимални 16-15. Потоа Германците го почнаа вториот дел фуриозно, набрзина стигнаа до „плус четири“, па до крајот усппеаја да слават и со конечни шест гола разлика.

Јасно е дека ова е само прв натпревар и има огромен простор за напредок, но „вардарци“ со овој ростер и стручен штаб дефинитивно ќе имаат проблем и приближно да ги повторат резултатите од последните две сезони.

Се вчитува...