Далеку е Вардар од ЛШ: Купс со предност од два гола си заминува од Скопје (ВИДЕО)

Рана елиминација му се заканува на македонскиот првак Вардар од Лигата на шампионите. „Црвено-црните“ најверојатно нема да го минат првото коло во најелитното натпреварување, откако вечерва финскиот Купс триумфираше среде Скопје со 0-2.

Слаб натпревар имаа избраниците на новиот тренер Кристијан Фабијани, кој се чини и натаму не ги склопил коцките на овој тим кој не претрпе многу промени од минатата сезона, па дури беше засилен и со неколку играчи, кои по првиот посериозен меч покажуваат дека не се квалитет за оваа екипа. Можеби ќе им треба време за адаптација, но ова што вечерва се виде не е добро. А, и подготовките беа многу „сомнителни“, но тоа е веќе сосема друга тема.

Мечот вечерва немаше многу шанси, а Купс си ги искористи своите. Дури можеше да слави и поубедливо од Скопје, додека Вардар имаше само една супер шанса, и таа дојде во вториот дел.

Почетната иницијатива беше на страната на Вардар. Закариќ имаше обид кој го одбрани голманот Креидл. И од тогаш па натаму само топката во нозете на „црвено-црните“, но сето тоа јалово, без идеја, без брзи и течни акции. Можеби за ваквиот развој на настаните „вина“ имаа и Финците, кои добро беа поставени на теренот.

Следеше големата шанса на Морено од противнапад од десната страна, па Талески прво интервенираше, а потоа и Матиќ мораше да чисти од гол линијата. Вардар се спаси во таа ситуација, меѓутоа не и во судиското надополнување.

Нафрли Антви од корнер, „исплива“ Талески во празно, па Магаса на вториот дирек само се „поклони“ и го постигна првиот гол за Купс.

Во вториот дел вардаровиот тренер Фабијани се обиде со измени да ја „размрда“ екипата. Наместо тоа, нов „шок“ рано, на стартот на вторите 45. минути. Купс постигна и втор гол. Навидум една безопасна акција и лошо разчистување на Пулејо, а топката стигна до Армах кој од прва од 20-тина метри шутира прецизно во долниот десен агол.

Единственото нешто конкретно на натпреварот Вардар го направи во 72 минута кога по одличната акција меѓу Маневски и Закариќ, Николов се најде во прекрасна шанса, ама неговиот обид заврши милиметри крај дирекот.

Победникот на овој меч беше се чини решен во 74. минута кога Босанчиќ за само три минути доби два жолти картони, и беше испратен предвреме на „туширање“. Така Вардар потоа ја загуби и секоја надеж и желба да се „спасува“, а Финците, пак, трпеливо држејќи ја топката во своите нозе го чекаа крајот на мечот и со голема предност да си заминат дома, и да го чекаат македонскиот првак идната недела.

Се вчитува...