Апсолутно не е никакво изненанадување тоталното демолирање, од секаков аспект а не само фудбалски на терен, кое Вардар, како актуелен македонски шампион, го доживеа од страна на Шкендија во првата голема дерби пресметка од новата сезона.
Не е никакво изненадување ако се знае за начинот на кој се креираше тимот пред оваа сезона, ако се знае начинот на избор на новиот тренер и новите играчи, ако се знае за онаа срамна летна екскурзија во Италија наречена клупски подготовки, ако се знае за понижувањето на домашниот играчки потенцијал на сметка на „странскиот капитал“, ако се знае и за начинот на кој организациски се води клубот.
Апсолутно не е никакво изненадување ниту тоа што скопјани ги нема на трибините со поддршка за својот омилен клуб, и покрај тоа што некои беа вчудоневидени од празните трибини уште за време на европските натпревари, а насочувајќи ја вината единствено кон фудбалските вљубеници. Но, народецот наш не е ниту глуп ниту слеп. Точно го знае есапот за секое случување, па не ќе да е лесен за прелажување, и покрај тоа што често знае свесно да се прави „мутав“.
Но, да бидеме реални, ќе биде вистинско изненадување ако и по оваа последна срамна епизода на клубот која претставува само кулминација на се претходно, газдата на Вардар, Атила Бижен Жалили, не се одлучи на некаква реакција со промена на раководните структури во клубот. Затоа што многумина беа изненадени уште со самото назначувањето на Миленко Неделковски за прв човек на клубот, беа фрапирани од бројните потоа последователни испади на Извршниот директор, а остануваат шокирани и до ден-денес од тоа колку Вардар не може да заличи на клуб каков што доликува за најголемиот македонски спортски бренд и покрај „на тацна“ обезбедените повеќе од значителни финансиски средства кои му се доверени на Извршниот. Но, реакција нема…

А, до тогаш, и натаму си остануваат сите оние прашања…
1. „Најмалку 3,5 милиони евра е проектираниот буџет на Вардар годишно. Но, тие и е значително ќе се зголемуваат“ – ќе рече Миленко Неделковски во најавата за новата сезона во која ќе се брка двојна круна. Само, дали овој Вардар на терен ви личи на тим со буџет од 3,5 милиони евра!?
2. „Кристијан Фабијани, одби понуди летоска од повеќе аргентински клубови. Тој беше еден од кандидатите да го преземе кормилото на најголемиот аргентински клуб – Ривер Плејт“ – ќе рече Миленко Неделковски. А, дали овој тренер ви личи на некој по кој се „тепаат“ најголемите јужноамерикански клубови!? Дали на, крајот на краиштата, ви личи на тренер и за Вардар!?
3. „Во Вардар доаѓа новиот Н’голо Канте…, овој е новиот Дембеле…, новиот Енцо Фернандес…“ – ќе рече Миленко Неделковски, онака со огромна инфлуенсерска леснотија, најавувајќи ги новите странски засилувања за кои којзнае колку финансиски средства се издвоени!?? Само дали ви личат на нив!?
4. „Мите Лумунада… Шурите од Битола… Маките на прилепчани… Каролина Гочева… Зелено џамче…“ – ќе рече Миленко Неделковски. Само, дали тоа на Извршен директор на најтрофеен македонски клуб кој е симбол на македонштината личи!? Без разлика што на неговите малубројни поддржувачи шмекерски им звучи!
5. „Со сопственикот од Унгарија кој поседува 85% од акциите и со спонзорите, пред десет дена потпишавме еден нов голем договор на година дена. Тие се апсолутно стабилни и посветени на клубот“ – ќе рече Миленко Неделковски пред новата сезона, за сопственикот кој од преземањето на клубот се нема појавено, па барем со глас, ако не со стас, за сите случувања во и околу клубот.
Но, како и да е, дали е конечно време и газда Атила да преземе нешто!? Додека сезоната убаво не почнала… За да не биде на пролет малку прекасно!?
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
